ЦРИС Студиорум
CRPRC Studiorum

Информација за медиумите: конференција за национални институции за Човекови права во Западен Балкан

МЕЃУНАРОДНА КОНФЕРЕНЦИЈА: Националните институции за Човекови права и промоцијата и заштитата на Човековите права во Македонија и Западниот Балкан

Скопје, 02 октомври 2012 – На 3ти и 4ти октомври 2012 година во ЕУ Инфо Центарот во Скопје, Центарот за регионални истражувања и соработка Студиорум организира Меѓународна конференција насловена “Националните институции за човекови права и промоцијата и заштитата на Човековите права во Македонија и Западниот Балкан.”

Свеченото отворање на конференцијата е на 3ти октомври во 14.00 часот, со сесија на која ќе учествуваат Иџет Мемети, Народен правобранител на Република Македонија, Сами Куртеши, Народен правобранител на Република Косово, како и Алмедина Кариќ, советничка на Народната правобранителка на Босна и Херцеговина. Во останатите сесии ќе учествуваат експерти/ки и претставници/чки на институции, граѓански организации и тинк тенкови од Република Македонија и од Западниот Балкан.

Генералната цел на конференцијата е да служи како платформа за претставниците и претставничките од регионалните и европските Национални институции за човекови права (НИЧП), државните институции, како и истражувачи/ки и практичари/ки. Предмет на дискусија ќе бидат состојбите и предизвиците поврзани со човековите права и институционалните модели на НИЧП, со фокус на НИЧП во регионот, и посебно во Македонија. Учесниците ќе се фокусираат на најефективниот модел во случајот на Македонија, а следејќи ги Париските принципи.

Конференцијата се организира во рамките на проектот “Решавање на институционална сложувалка: Каков модел на Национална институција за Човекови права за Македонија” со финансиска поддршка од Националната фондација за демократија од САД, чија цел е да се донесат препораки за применети политики, базирани на докази, кон процесот на креирање на модел за НИЧП во Македонија во согласност со меѓународните стандарди и најдобри практики, како и политичките и социо-економските карактеристики на земјата, а со цел добивање на акредитација со “А” статус.

Заклучоците од конференцијата и други дополнителни материјали наскоро ќе бидат достапни на веб-страницата на Студиорум www.studiorum.org.mk

Контакт: Димитар Николовски, тел. 02-3065 837/ е-меил: info@studiorum.org.mk

Преземи PDF