ЦРИС Студиорум
CRPRC Studiorum

По петти пат го одбележуваме европскиот ден за рационална употреба на антибиотиците

И ветеринарната професија има улога во спречување на антимикробната резистенција кај животните и луѓето!

Место: Факултет за ветеринарна медицина (амфитеатар 2), Скопје
Време: 16 ноември 2012 година (12,00 – 14,00 часот)

Европскиот ден за рационална употреба на антибиотици е европска здравствена иницијатива, која се одржува под патронат на Европскиот центар за превенција и контрола на болести во соработка со Европската комисија, Светската здравствена организација, Европското здружение за клиничка микробиологија и инфективни болести, Постојаната комисија на европски доктори. Иницијативата е воспоставена на 18 ноември 2008 година, и предвидува одбележување на овој ден во цела Европа секоја година, со цел да се придонесе кон подигање на свеста за неопходноста од одговорно користење на антибиотиците и за ризиците поврзани со нивната несоодветна употреба. Република Македонија се придружи на оваа иницијатива од нејзиното воспоставување, и оваа година, по петти пат, ќе го одбележи овој ден, заедно со другите земји-кандидати и сите земји-членки на ЕУ.

Согледувајќи го значењето на рационалната примена на антибиотиците и големината на проблемот со растечката отпорност на бактериите кон антибиотиците, Република Македонија уште од самиот почеток на оваа иницијатива во 2008 година беше една од 32-те (2008 год) т.е. 36-те (2009 год) и 37- те (2011) eвропски земји кои земаа активно учество во промоцијата на рационалната примена на антибиотиците меѓу населението и здравствените работници.

Оваа година, Европскиот ден е насочен кон промоција на рационалната примена на антибиотиците меѓу докторите по ветеринарна медицина. Денот ќе биде одбележан со симпозиум за доктори по ветеринарна медицина – од академската и професионалната заедница во Р. Македонија кој ќе се одржи на 16 ноември 2012 година (петок), во просториите на Факултетот за ветеринарна медицина (амфитеатар 2) во Скопје, од 12,00-14,00 часот. Агендата на настанот можете да ја преземете тука.

Настанот е во организација на Министерството за здравство – Мултисекторската комисија за антимикробна резистенција и националниот координатор за антимикробна резистенција д-р Голубинка Бошевска, Агенцијата за храна и ветеринарство, Факултетот за ветеринарна медицина од Скопје, Ветеринарната комора на Република Македонија, Институтот за јавно здравје на РМ, Центарот за регионални истражувања и соработка „Студиорум“ и Институтот за микробиологија и паразитологија при Медицинскиот факултет во Скопје.

На настанот ќе бидат поделени и промотивни материјали од кампањата, кои ќе бидат поставени и на веб страниците на Министерството за здравство и Институтот за јавно здравје на РМ, како и на веб локацијата на Иницијативата, која се наоѓа на веб страницата на Европскиот центар за превенција и контрола на болести.