ЦРИС Студиорум
CRPRC Studiorum

Студиорум учествуваше на состанокот на Регионалниот комитет на СЗО

63ти Регионален комитет на СЗО Европа, 16-19 септември 2013 г., Измир, Турција

На 63иот Регионален комитет на Светската здравствена организација – Европа (СЗО Европа) кој се одржа во Измир, Турција, од 16 до 19 септември 2013 година, присуствуваа делегации од 51 земја-членка, претставници на агенциите на ООН, голем број на НВОи кои имаат воспоставено официјални односи со СЗО, експерти и набљудувачи кои покажаа интерес за состанокот. Покрај редовните прашања на дневен ред беше презентиран и напредокот по рамковната политика Здравје 2020, придружено со презентација и усвојување на 20 клучни индикатори за имплементација на оваа политика, со што се отвори можноста за поактивно вклучување на граѓанското општество во следењето на напредокот во однос на здравјето и добросостојбата нa граѓаните и заедниците во Европскиот регион.

Г-а Неда Милевска Костова, извршна директорка на Студиорум, присуствуваше на состанокот во име на Меѓународната алијанса на организации на пациенти (International Alliance of Patients’ Organizations, IAPO), чија членка е Студиорум, заедно со Г-ѓа Јоланта Билинска, Секретар на IAPO.

Две пишани изјави од име на IAPO беа презентирани и доставени до сите делегати, а се однесуваа на прашањата од дневниот ред во врска со незаразните заболувања и универзалното здравствено осигурување. Двете изјави се поставени и може да се преземат од веб-страницата на Регионалниот комитет на СЗО Европа.

Во своето обраќање, регионалната директорка на СЗО Европа, г-ѓа Сузана Јакаб истакна дека е направен значаен напредок во справувањето со здравствените нееднаквости, но и дека се потребни понатамошни напори, за кои клучна е поддршката од владите, како и вклучувањето на сите засегнати страни во општеството.

Линкови:

Регионалната директорка Сузана Јакаб се сретна со НВОите за време на 63иот Регионален комитет на СЗО Европа

СЗО ќе ги продолжи напорите за вклучување на НВОите во дијалогот и за зголемување на видливоста на нивното учество

На третиот ден на Регионалниот комитет, регионалната директорка одржа состанок со претставници од НВОи кои имаат воспоставено официјални односи со СЗО, на кој се дискутираа можните начини за зајакнување на соработката со НВОите. Г-ѓа Јоланта Билинска, член на Управниот одбор на IAPO, изрази големо задоволство од зајакнатата соработка со НВОите во изминатите неколку години, и од можноста за презентирање пишани и видео изјави. Сепак, сите присутни се согласија дека е потребно да се работи на понатамошно проширување на можностите за соработка. Некои од предложените начини за зајакнување на учеството на НВОите во работата на Регионалниот комитет и во работата на СЗО воопшто беа: поднесување заеднички изјави од граѓански организации, воспоставување мејлинг листи, организирање придружни настани на кои НВОите ќе имаат можност да разменат мислења и да основаат партнерства преку кои ќе работат на заедничките цели.

Поаѓајќи од ова, првата заедничка изјава на НВОите беше подготвена и презентирана на последниот ден на 63иот Регионален комитет на СЗО Европа. Во неа се вели дека НВОи со задоволство го очекуваат воспоставувањето на поблиска соработка со земјите членки и со СЗО Регионалната канцеларија за Европа, како на регионално така и на национално ниво, бидејќи зголемената соработка ќе резултира со подобри здравствени резултати во Европа.