ЦРИС Студиорум
CRPRC Studiorum

Придонес на Студиорум за вториот Универзален периодичен преглед на Македонија

Во рамки на консултациите на засегнатите страни за вториот Универзален периодичен преглед (УПР) на Македонија, Студиорум поднесе заеднички придонес со Рома С.О.С. и ЛИЛ. Овој преглед го спроведува Советот за Човекови права (СЧП) на секоја земја членка на ООН, а врз основа на Повелбата на Обединетите нации, Универзалната декларација за човекови права, инструментите за човекови права на кои Државата е членка, доброволните заложби и обврски преземени од страна на Државите, вклучувајќи ги и тие при поднесување на кандидатура за избор во Советот за човекови права, како и применливото меѓународно хуманитарно право.

Нашиот заеднички придонес и другите документи за прегледот закажан за 30ти јануари 2014 година се сега достапни на интернет. Придонесот се фокусира на три области: (1) меѓународни обврски, (2) институционална и правна рамка за заштита и промоција на Човековите права, (3) еднаквост и не-дискриминација и (4) права на малцинствата. Ни причинува задоволство што значителен дел од препораките и голем дел од критичкиот преглед на сегашната ситуација од придонесот најдоа свое место во резимето подготвено од КВКЧП (реферирано во текстот како „Заеднички придонес бр.6“, анг. „Joint Submission 6“).

Значаен позитивен развој од овој циклус на прегледот е зголемениот интерес на домашните граѓански организации (ГОи) за истиот. Од тринаесетте придонеси, седум се поднесени од домашни ГОи (од кои шест се заеднички придонеси). За споредба, на првиот преглед само три од вкупно деветте придонеси беа од домашни организации (еден индивидуален придонес и два од коалиции на организации).

Друг позитивен развој е што една од двете национални институции за Човекови права – Народниот правобранител, за прв пат поднесе придонес за прегледот. Го нагласуваме ова како значаен развој бидејќи поднесувајќи го придонесот, Народниот правобранител делува во насока на исполнување на препораките дадени од Поткомитетот за акредитација (ПКА) при доделувањето на Б-статус (однодно нецелосна усогласеност со Париските принципи) на оваа институција. Имено, ПКА ја нагласи важноста Народниот правобранител „да учествува во активностите кои се превземаат во меѓународниот систем за Човекови права (особено во Советот за Човекови права и неговите механизми – специјалните процедури и УПР).“

Ова е само почеток на активностите поврзани со прегледот на Македонија. Прегледот е закажан за 30ти јануари 2014 година. Студиорум ќе го следи развојот и ќе продолжи со вклученоста во процесот колку и кога ќе биде тоа возможно. Дополнителните вести и информации во врска со ова ќе бидат поставени на нашата веб страница.