ЦРИС Студиорум
CRPRC Studiorum

Центарот за регионални истражувања и соработка „Студиорум“ објавува повик за трудови

Списанието за европски прашања „Евродијалог“ бр. 19
Тематски број за еднаквост и не-дискриминација

Рок за поднесување на трудови: 20 март 2014 година.

Списанието за европски прашања „Евродијалог“ е академско списание на ЦРИС Студиорум, кое се објавува два пати годишно, а има за цел да промовира објективно, критичко и аналитичко размислување за прашања од различни области поврзани со Европската Унија и приближувањето и приклучувањето во ЕУ. „Евродијалог“ е во процес на индексирање за добивање статус на списание со импакт фактор.

За „Евродијалог“ бр. 19 ги повикуваме авторите/ките да поднесат трудови во кои што ќе се разгледуваат принципот на еднаквост и заштитата од дискриминација. Авторите/ките може да поднесат трудови во кои ќе се дискутираат важни институти врзани со еднаквоста и со спречувањето и заштитата од дискриминација (како на пример, пренесување на товар на докажување, повеќекратна дискриминација вклучително кумулативна и интерсекционална дискриминација, афирмативни мерки, итн), основите за дискриминација, како и други правни и институционални аспекти или аспекти од применетите политики во врска со принципот на еднаквост и спречување и заштита од дискриминација, вклучително и правна пракса или студии на случај на одредена земја или институции.

„Евродијалог“ ќе отстапи простор и за својот редовен предмет на интерес, односно за трудови со кои се истражуваат различни прашања поврзани со ЕУ од областите право, економија, јавна администрација, меѓународни односи, политички науки, комуникации, нови технологии и општеството, енергетика, животна средина, здравство, како и од други релевантни области. Предност имаат истражувачки теми кои дирекно разработуваат прашања поврзани со Копенхагенските критериуми, а кои се фокусирани на анализи и студии на случај во однос на потребите и условите кои потекнуваат од ЕУ acquis communautaire.

Одбраните трудови ќе бидат публикувани во 19-то издание на „Евродијалог“, кое ќе биде објавено во дигитална форма на CD, на македонски и на англиски јазик. Покрај CD изданието, списанието во двојазична форма се објавува и на веб-локацијата на Студиорум и Онлајн библиотеката на CEEOL.

Инструкциите за автори/ки можете да ги преземете тука.

Рокот за поднесување на трудови е 20 март 2014 година. Ве молиме да поднесувате само готови трудови или трудови кои се во финален нацрт. При испраќањето на трудот назначете дали се работи за финална верзија или финален нацрт. Готовите трудови се приложуваат до Уредничкиот Одбор преку електронска пошта наevrodijalog@studiorum.org.mk.

Списанието за европски прашања „Евродијалог“ бр. 19 ќе се публикува во јуни 2014 година.

Ги очекуваме Вашите трудови!

Уреднички Одбор
Списание за европски прашања „Евродијалог“
Скопје, 20 јануари 2014 година