ЦРИС Студиорум
CRPRC Studiorum

Успешен старт на процесот на самопроценка на јавно-здравствените операции во Македонија

saПроцесот на самопроценка на јавно-здравствените операции во Македонија отпочна со тридневна работилница во Охрид, во присуство на експерти од СЗО и владини претставници, чинители од здравствениот и другите сектори од Македонија ги оценуваа јавно-здравствените операции со помош на алатката на СЗО за самопроценка.

Во рамки на Двегодишниот договор за соработка помеѓу Министерството за здравство и Светската здравствена организација, во Охрид беше одржана тридневна Работилница за отпочнување на процесот на самопроценка на јавно-здравствените операции (25-27 август, 2014 година).

Организирана согласно заклучоците од Иницијативниот состанок за воспоставување дијалог за применети политики за јавно здравје на национално ниво, одржан во февруари 2014 година, Работилницата имаше за цел да ги даде основните насоки за процесот на самопроценка на јавното здравје и да ја претстави верзијата на алатката на СЗО за самопроценка на есенцијалните јавно-здравствени операции за 2014 година.

Работилницата ја отворија Сања Саздовска од Министерството за здравство, д-р Гордана Коњановска, претседател на Советот на Град Охрид, д-р Сашо Василевски, пратеник и член на Постојаната собраниска комисија за здравство, и г-ѓа Снежана Чичевалиева, шеф на Канцеларијата на СЗО во Македонија.

Свои излагања имаа д-р Елке Јакубовски, програмски менаџер за јавно здравје од СЗО Европа, д-р Хозе Мариа Мартин Морено, СЗО консултант и професор по јавно здравје на високо рангирани универзитети во Европа, и д-р Марија Русева, СЗО консултант.

Учество на работилницата зедоа триесетина чинители од здравствениот и другите сектори во Македонија, меѓу кои и Студиорум, коишто работеа на самопроценката на 10-те јавно-здравствените операции (ЕЈЗО) во четири области и тоа, подготвеност за кризни состојби, здравствена заштита, промоција на здравјето и превенција на болести.

Самопроценката поттикна на динамични и продуктивни дискусии во врска со тековните состојби, преку кои учесниците укажаа дека алатката може да се користи и за наставни цели и дека нејзината предност е во тоа што не изискува самопроценка на целиот здравствен систем туку може да се користи и целно за одделни јавно-здравствени операции, како вертикално, така и хоризонтално. Според нив, самопроценката би била особено олеснета доколку постои во електронска верзија на македонски јазик, со што значително би се придонесло кон дијалогот за применети политики и ревидирање на постојните национални програми.

Резултатите добиени од оваа пилот-работилница ќе послужат како основа за продолжување на отворениот консултативен процес и донесување на Стратегија и Акциски план за јавно здравје, како составен дел од Оперативниот план за здравје до 2020 година на државата, а во контекст на политиката на СЗО Здравје 2020.

Повеќе информации можете да најдете тука.