ЦРИС Студиорум
CRPRC Studiorum

„Антибиотиците не се храна“: Семинари за рационална употреба на антибиотици

anti_foodСо цел превенција на нерационалната употреба на антибиотиците и антимикробната резистенција, а во рамки на постојната иницијатива за одбележување на Европскиот ден за рационална употреба на антибиотици (European Antibiotic Awareness Day), во соработка со Министерството за здравство на РМ, Фондот за здравствено осигурување на Македонија и Институтот за јавно здравје на РМ, Студиорум ќе организира стручни семинари за здравствените работници, пациентите и општата јавност под слоганот „Антибиотиците не се храна“. Првиот од низата семинари ќе се одржи на 26 септември 2014 година (петок) во Велес.

Како дел од повеќегодишните активности и напори за подигнување на свеста за рационалната употреба на антибиотиците, Студиорум спроведува проект за стручна едукација и подигнување на свеста за рационална употреба на антибиотиците и превенција на антимикробната резистенција под слоганот „Антибиотиците не се храна“. Заедно со Министерството за здравство на Република Македонија, Фондот за здравствено осигурување, Институтот за јавно здравје на Република Македонија и повеќе професионални асоцијации, почнувајќи од 2008 година, Студиорум редовно го одбележува Европскиот ден за рационална употреба на антибиотици под покровителство на Европскиот центар за превенција и контрола на болестите (ЕЦДЦ).

Имајќи го предвид фактот дека нивото на пропишани, издадени и купени антибиотици во Македонија е исклучително високо, проектот за рационална употреба на антибиотици предвидува активности за едукација на здравствените работници на локално ниво со цел превенција на нерационалната употреба на антимикробните средства и намалување на ризикот од антибиотска резистенција (АМР).

Во клучните активности на проектот се вбројуваат осум двочасовни едукативни стручни семинари коишто ќе се организираат еднаш седмично во периодот од 26 септември до 27 ноември 2014 година во неколку градови. Со семинарите ќе бидат опфатени првенствено здравствените работници во болничката здравствена заштита, како и фармацевтите и епидемиолозите во Центрите за јавно здравје низ државата.

Првиот семинар ќе се одржи на 26 септември во Велес. Воведно обраќање ќе имаат претставник од Министерството за здравство и Претседателот на Советот на Општина Велес д-р Александар Колев. Заканата од антимикробна резистенција во светот и во Македонија и потрошувачката на антибиотици во Македонија ќе бидат опфатени во стручните излагања на прим. д-р Голубинка Бошевска, национален координатор за АМР, проф. д-р Никола Пановски од Медицинскиот факултет и м-р Кристина Христова од Фондот за здравствено осигурување на Македонија.

Овој проект се спроведува со поддршка од СЗО Регионална канцеларија за Европа и со средства од Владата на Кралството Белгија.