ЦРИС Студиорум
CRPRC Studiorum

Европскиот ден за рационална употреба на антибиотиците одбележан на Вонредната министерска средба на ЗМЈИЕ

02Годинава, Европскиот ден за рационална употреба на антибиотиците (18 ноември) во Македонија беше одбележан по седми пат. Одбележувањето беше дел од Вонредната министерска средба на Здравствената мрежа на Југоисточна Европа (ЗМЈИЕ), којашто се одржа во Скопје во рамки на македонското претседателство со Мрежата.

Во своите обраќања до присутните министри за здравство и високи претставници на земјите-членки на ЗМЈИЕ, Министерот за здравство на Македонија, г.Никола Тодоров, и Директорката на Регионалната канцеларија на СЗО за Европа, д-р Сузана Јакаб, го честитаа Европскиот ден за рационална употреба на антибиотиците (ЕААД) и укажаа на важноста и потребата од понатамошни напори во борбата против антимикробната резистенција.

Упатувајќи благодарност за оваа одлична иницијатива до д-р Сузана Јакаб, основач на ЕААД за време на своето раководење со Европскиот центар за превенција и контрола на болести во Стокхолм, Шведска, г.Тодоров нагласи дека ЗМЈИЕ работи на намалување на негативните трендови во оваа област преку Регионалниот центар за развој на здравјето на ЗМЈИЕ за антимикробна резистенција со седиште во Софија, Бугарија. Обезбедувајќи техничка екпертиза и активна соработка, ЗМЈИЕ придонесува кон прибирањето на релевантни податоци и оттука, кон надминувањето на овој глобален предизвик.

Отпоздравувајќи ги присутните гости, д-р Јакаб го подвлече успехот постигнат со воспоставувањето и одбележувањето на ЕААД како паневропска иницијатива не само во земјите-членки на Европската унија, туку и во земјите-кандидатки за членство во Унијата и земјите од поранешниот Советски сојуз.

Оваа година, со одбележувањето на ЕААД се заокружи двомесечната Национална кампања за подигање на свеста за рационалната употреба на антибиотиците насловена „Антибиотиците не се храна“, којашто надлежните чинители, поддржани од Светската здравствена организација и Владата на Кралството Белгија, ја спроведоа во десет градови во Македонија.

Од неговото основање во 2008 година, ЕААД во Македонија редовно се одбележува со заеднички заложби на Министерството за здравство, Институтот за јавно здравје, Институтот за микробиологија и паразитологија при Медицинскиот факултет во Скопје, Центарот за регионални истражувања и соработка „Студиорум“ и други научни и стручни здруженија и организации. Повеќе детали за претходните сродни активности може да се најдат на следниот линк: http://studiorum.org.mk/EAAD2012/

 

Фотографии: Даниел Попадиновски, 2014.