Антимикробната резистенција (АМР) е една од најголемите здравствени закани денес, како во здравствените установи, така и во заедницата. Препознавајќи ја потребата од меѓусекторски и интердисциплинарен, но и од меѓународен пристап во справувањето со овој јавно-здравствен предизвик, а во согласност со целите на Европскиот стратегиски акциски план за антибиотска резистенција од 2011 година, Регионалната канцеларија на Светската здравствена организација за Европа (СЗО Европа) неодамна го објави финалниот извештај од меѓународната работилница за АМР којашто успешно ја организираше во периодот од 24 до 27 февруари 2015 година во Копенхаген, Данска.
Поканувајќи колеги од 17 европски земји и членови на колаборативните центри на СЗО, разни технички програми и други партнерски институции, работилницата претставуваше одлична можност за интеракција и размена на искуства во осум работни програми утврдени со цел давање таргетиран придонес и посеопфатно координирање на активностите за контрола на АМР. И Република Македонија зеде учество во работилницата, претставена од Аспазија Софијанова (УК за детски болести), Билјана Какараскоска Боцеска (Институт за јавно здравје), Голубинка Бошевска (Институт за јавно здравје), Кристина Христова (ФЗОМ), Неда Милевска Костова (Студиорум), Никола Пановски (Медицински факултет – Скопје) и Верица Ивановска (Универзитет „Гоце Делчев“, Штип).
Помогната од Програмите на СЗО Европа за контрола на АМР и за здравствени технологии и фармацевтски производи (ХТП), работилницата беше финансиски поддржана од Министерството за здравствена добросостојба и спорт на Холандија, Федералната јавна служба за здравје, безбедност на исхраната и животната средина на Белгија и Агенцијата за намалување на безбедносните закани на САД.
Извештајот од меѓународната работилница за антимикробна резистенција може да се преземе тука, а видео записите од пленарната сесија на работилницата, вклучувајќи ги и излагањата на главните говорници, се достапни на овој линк.