ЦРИС Студиорум
CRPRC Studiorum

Студиорум учествуваше на 67от Регионален комитет на СЗО за Европа

67ми Регионален комитет на СЗО Европа, 11-14 септември 2017 г. Будимпешта, Унгарија

На 67от Регионален комитет на Светската здравствена организација за Европа (СЗО Европа) кој се одржа во Будимпешта, Унгарија, од 11 до 14 септември 2017 година учествуваа Министрите за здравство и високи претставници од 53 земји-членки на СЗО Европа, како и партнерските организации и граѓанското општество.

Овогодишната агенда беше посветена на:

  • Предизвиците и можностите на јавното здравје за 21ви век, во спроведувањето на Одржливите развојни цели и Стратегијата „Здравје 2020“;
  • Подобрување на животната средина и здравјето во контекст на Стратегијата „Здравје 2020“ и Агендата за одржлив развој 2030, со фокус на резултатите од 6тата Министерска конференција за животна средина и здравје;
  • Работејќи кон одржлива работна сила во здравството во Европскиот регион на СЗО, преку стратегиска рамка за акција;
  • Зајакнување на соработката, на земјите-членки, за унапредување на пристапот до лекови во Европскиот регион на СЗО;
  • Забрзување на имплементацијата на Меѓународниот здравствен правилник (2005) и зајакнување на лабораториските капацитети за подобро здравје во Европскиот регион на СЗО; и
  • Градење регионални партнерства за здравје.

Во четиридневната програма беа вклучени и извештаите за напредокот на имплементацијата на Европскиот акциски план за намалување на штетната употреба на алкохол 2012-2020, Европскиот акциски план за храна и исхрана 2015-2020 и Европскиот акциски план за ментално здравје. Исто така, беше споделен финален извештај за спроведувањето на Меѓународниот здравствен правилник (2005) во регионот.

На Регионалниот комитет, Студиорум поддржа четири заеднички изјави на недржавните актери (граѓански организации):

Во своето обраќање, регионалната директорка на СЗО Европа, д-р Сузана Јакаб истакна дека приоритетите се јасни, фокусот е потребно да биде ставен на: нееднаквостите (да не биде никој изоставен), вградување на родовите и човековите права во сите политики, постигнување на универзална здравствена покриеност и зајакнување на здравствените системи со фокус на примарната здравствена заштита. Таа, исто така, посочи дека е потребно да се осврнеме на сите детерминанти на здравјето, ако сакаме да постигнеме здравје и благосостојба за сите, како и да се зајакне подготвеноста за одговор во кризни состојби. Дополнително, д-р Јакаб истакна дека она што е потребно е инвестирање во здравството, кое многу земји можат да си го дозволат, а кое е политички избор, а не економско ограничување, како и градење силни партнерства и соработка за да се исполнат амбициозните здравствени цели.

Повеќе информации, за 67миот Регионален комитет на СЗО Европа, се достапни на: http://www.euro.who.int/en/about-us/governance/regional-committee-for-europe/67th-session