ЦРИС Студиорум
CRPRC Studiorum

Студиорум доби грант за истражувачки проект од Регионалната програма за промоција на истражувањето

ЦРИС Студиорум – добитник на истражувачки грант од Регионална Програма за Поттикнување на Истражувањето (Regional Research Promotion Programme – RRPP/РРПП)

ЦРИС Студиорум е еден од добитниците на истражувачки грант за 2010/11 година кои ги доделува Регионална Програма за Поттикнување на Истражувањето (Regional Research Promotion Programme – RRPP/РРПП). Со Програмата раководи Универзитетот од Фрибург, а е финансирана од страна на Швајцарската агенција за развој и соработка. РРПП во земјите од Западен Балкан има за цел да ги промовира и зајакне истражувачките капацитети во Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Македонија, Црна Гора и Србија. Истражувачките теми се осврнуваат на и третираат специфични прашања кои спаѓаат во регионалната сеопфатна тема: “Политички, социјални и економски промени во Западен Балкан”.

Темата на која ќе работи тимот на Студиорум: “Здравствена еднаквост и еднаков пристап до здравствената заштита во Македонија: социо-економски, финансиски и аспекти на човекова безбедност”, ќе се истражува во периодот од март 2010 година до февруари 2011 година.

Проектот ќе се занимава со истражување на здравствената еднаквост и еднаквиот пристап до здравствената заштита, преку анализа на социо-економските и финансиските аспекти на пристапот до лековите од Позитивната листа на лекови во Македонија. Социо-економските услови го одредуваат здравјето на луѓето. Истражувачите детално ќе ги разгледаат економските и социјалните нееднаквости како причини за нееднаквостите во здравствената заштита, со тоа што ќе анализираат случаи на пристап до лекови од Позитивната листа на лекови, како право на сите граѓани на Македонија овозможено преку универзалното здравствено осигурување. Во транзициските општества, каде што воведувањето механизми на приватизација и концесија се дел од процесите за подигање на ефикасноста на системот за здравствена заштита, постојат поголеми шанси за индуцирана побарувачка на одредени услуги и лекови, врз основа на стимулациите што потенцијално постојат. Според една недамнешна анализа на состојбата во здравствениот сектор, постојат неетички односи помеѓу фармацевтските компании и лекарите кои пропишуваат лекови, што влијае на нарушувањето на еднаквиот пристап до лековите на Позитивната листа на лекови. Во овој процес, финансискиот трошок паѓа на товар на крајните корисници/пациентите кои плаќаат од сопствени приходи за лекови, кои им се гарантирани со здравственото осигурување. Ова истражување ќе ги разгледа ефектите од промените во политиките во регулирањето на фармацевтиците и на стимулациите за давателите на здравствени услуги и фармацевтите кои би требало да овозможат еднаков пристап до лековите за сите граѓани на Македонија. Истражувањето ќе се фокусира на ефектите врз потрошувачката на јавни пари за лекови и приватните плаќања на корисниците/пациентите, како можни индикатори за мерење на здравствената еднаквост и еднаквиот пристап до здравствената заштита во однос на обезбеденоста на населението со фармацевтски препарати гарантирани со здравственото осигурување.
Дополнителни информации и линкови: