ЦРИС Студиорум
CRPRC Studiorum

Заедничка сесија на Студиорум, ЗМЈИЕ и СЗО Европа на 17. Европски форум за здравје Гаштајн

Европскиот форум за здравје Гаштајн е водечкиот настан за здравствени политики во Европската унија. Неговото 17-то издание ќе се одржи во почетокот на октомври, а меѓу најавените речиси 600 експерти ќе бидат и претставници на СЗО Европа, ЗМЈИЕ и Студиорум.

Со големо задоволство известуваме дека Студиорум ќе учествува на 17-от Европски форум за здравје Гаштајн, којшто ќе се одржи на 1-3 октомври 2014 година.

Организиран во долината Гаштајн во Австрија како годишен настан од 1998 година наваму, Европскиот форум за здравје Гаштајн (ЕФЗГ) е голема платформа за клучните чинители во разни полиња на јавното здравје и здравствената заштита. Редовно посетуван од истакнати експерти и учесници од целиот свет, тој е водечкиот настан за здравствени политики во Европската унија.

Годинава, во рамките на ЕФЗГ, ќе се одржи заедничка сесија во организација на ЗМЈИЕ и нејзините партнери Студиорум и СЗО Европа. Насловена „Здравје за работни места и просперитет во Југоисточна Европа“, сесијата ќе даде преглед и ќе поттикне дискусија во врска со Стратегијата за раст и развој на Југоисточна Европа (ЈИЕ), како и со политичката посветеност на Здравствената мрежа на Југоисточна Европа (ЗМЈИЕ), којашто е главниот соработник и промотер на здравствената димензија на Стратегијата „Југоисточна Европа 2020“.
Со програмата се предвидени следните говорници: Горан Черкез, заменик-министер за здравство на Босна и Херцеговина и Претседател на Извршниот комитет на ЗМЈИЕ, Сузана Јакаб, Регионална директорка на СЗО Европа, Никола Тодоров, Министер за здравство на Република Македонија, како и претставници на Регионалниот совет за соработа (РСС) и на Институтите за јавно здравје на Словенија, Црна Гора и Романија.

Свое излагање ќе имаат и експертите Неда Милевска, Извршна директорка на Студиорум, ќе се обрати во вечерните часови и ќе ги изложи своите видувања за импликациите на јавно-здравствените пристапи и капацитети, за кои ќе говорат и Дејвид Хантер, професор на Универзитетот Дурхам и Елке Јакубовски, програмски менаџер за јавно здравје од СЗО Европа.

Европскиот форум за здравје Гаштајн е поддржан од Европската комисија и Министерството за здравство на Австрија.