ЦРИС Студиорум
CRPRC Studiorum

УСАИД го објави 17-то издание на Индексот на одржливост на граѓанските организации за Централна и Источна Европа и Евроазија

DSC01073Годинешната презентација на 17-то издание на Индексот на одржливост на граѓанските организации за Европа и Евроазија, објавен од страна на УСАИД, беше организирана од Студиорум и Македонскиот центар за меѓународна соработка во рамки на Платформата за антикорупција и добро владеење. Според извештајот за 2013 година, зголеменото ниво на граѓанско учество им оди во прилог на граѓанските организации во Европа и Евроазија, чија важност ги поттикнува властите на посериозен пристап.

Презентацијата на 17-то издание на Индексот за одржливост на граѓанските организации (ГО) за Европа и Евроазија, објавен од Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД), се одржа на 22 септември 2014 година во Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) во Скопје во организација на Студиорум. Оваа година, информативната сесија беше организирана во рамки на Платформата за антикорупција и добро владеење, чиешто воспоставување Студиорум го поддржува од самиот почеток.

Сесијата ја отвори Неда Милевска-Костова, извршен директор на ЦРИС Студиорум, која ја претстави методологијата на Индексот на одржливост на ГО, односно неговата структура, резултатите, придобивките и предизвиците. Следеше презентацијата на Емина Нурединовска, координатор на Програмата за граѓанско општество при МЦМС, којашто даде преглед на извештајот за Индексот на одржливост на ГО во Македонија за 2013 година.

Според последниот извештај на УСАИД за Индексот на одржливост на ГО, зголеменото ниво на граѓанско учество генерално им оди во прилог на граѓанските организации во Европа и Евроазија, чијашто важност ги поттикнува властите на посериозен пристап. Сепак, извештајот за 2013 година покажува дека земјите во Европа и Евроазија се развиваат со различна брзина. Додека некои земји сè почесто ги вклучуваат граѓаните во процесот на креирање и донесување политики, други настојуваат да го затворат просторот за граѓанска активност. Иако предизвиците за сеопшта стабилност се бројни, граѓанскиот сектор покажа сила и зрелост во голем број земји во регионот.

Индексот на одржливост на граѓанските организации за Централна и Источна Европа и Евроазија го изготвува УСАИД со цел процена на напредокот во развојот на широк спектар на непрофитни граѓански организации (ГО) во Европа и Евроазија. Денес, Индексот на одржливост го мери напредокот во над 60 земји во разни региони во светот.

Целосниот извештај за Индексот на одржливост на граѓанските организации за Европа и Евроазија за 2013 година е достапен на http://www.usaid.gov/europe-eurasia-civil-society.