ЦРИС Студиорум
CRPRC Studiorum

Вмрежување на истражувачи од областа на здравјето и политиките на Ромите од Централна и Источна Европа

Во организација на регионалната канцеларија на СЗО за Европа, а во соработка со Колаборативниот центар на СЗО, во Дебрецен, Унгарија на факултетот за Јавно здравје, оддел за превентивна медицина, во период од 1 до 3 јуни 2016 година се одржа тридневен настан на теми поврзани со ранливоста и здравјето со наслов „Вмрежување на истражувачи од областа на здравјето и политиките на Ромите од Централна и Источна Европа“. Настанот беше одлична можност за споделување на знаења и искуства меѓу истражувачите од областа на јавното здравје од европските земји со поголема застапеност на ромско население.

Задоволството да го отворат настанот и да ги запознаат учесниците и медиумите со петте теми го имаа Злотан Силваси, Пироска Остлин, Маргит Балаж и Роза Адањ. Тие накратко ги презентираа сесиите поврзани со незаразните и заразните болести меѓу Ромите, социо-економските фактори како детерминанти за здравјето, пристап до здравствена нега и генетска подложност/вулнерабилност меѓу Ромите.

Како избран претставник за водење на сесијата за заразни болести, м-р Кристефер Стојановски од Студиорум имаше своја презентација на тема имунизација меѓу децата Роми во Централна и Источна Европа со наслов: Кои се реалните стапки на имунизација и пречките за подобра имунизациска покриеност? Во неговото излагање тој ги сподели и анализите направени во однос на имунизацијата меѓу децата Роми од Македонија, Србија, Босна и Херцеговина, Косово и Црна Гора, како и факторите заради кои има недоволна имунизираност. По презентацијата, М-р Стојановски отвори дискусијата на тема варијацијата на имунизација од различни извори и потребата за споредливи и подобри методологии со цел поточно известување за процесот на имунизација. Имено, тој зборуваше и за потребата за долготрајно истражување поврзано со имунизација меѓу Ромите, како да се подобрат практиките на јавно-здравствените работници и прифаќање на разликите на ромските заедници кои влијаат врз имунизацијата.

Третиот ден беше резервиран за дискусии и тркалезна маса насочена кон идентификација на областите за соработка и разработка на стратешкиот документ со цел и во иднина да се продолжи соработката и напорите за подобро здравје и социјалната инклузија на Ромите.

Настанот беше заокружен со искажување големо задоволство од страна на модераторите и учесниците и последователен публицитет на веб страницата на СЗО Регионалната канцеларија за Европа.

Информацијата на порталот на СЗО Европа

Преземи презентации [верзии на англиски јазик]