ЦРИС Студиорум
CRPRC Studiorum

Одржана мултисекторска работилница за исхрана во градинките и основните училиштата

Со подобра исхрана на децата до подобро здравје и благосостојба

Во организација на Центарот за регионални истражувања и соработка „Студиорум”, со поддршка на ресорните министерства и Фондот на Обединетите нации за деца УНИЦЕФ на 9 март 2018 година беше организирана работилница под мотото „Со подобра исхрана на децата до подобро здравје и благосостојба”.

На настанот свое излагање имаа министерката за образование и наука проф д-р Рената Дескоска, министерката за труд и социјална политика г-а Мила Царовска, претставникот на УНИЦЕФ во Македонија, г-дин Бенџамин Перкс, како и заменик-министерот за здравство, д-р Гоце Чакаровски.

На средбата беа презентирани наодите од истражувањето за квалитетот на исхраната на децата во градинките и основните училишта кои укажаа на недостиг од свежо овошје и зеленчук во оброците, што резултира со недоволен внес на одредени микронутриенти како што се калциум, железо и цинк, а за сметка на тоа децата внесуваат повеќе шеќери, масти и сол од препорачаните количини.

Проблемите поврзани со исхраната кај најмладата популација како глобален предизвик се присутни и во нашата земја. Од една страна е проблемот на неухранетост, кој иако со ниско ниво е присутен, а од друга страна се прекумерната тежина и дебелината за кои податоците покажуваат дека имаат растечки тренд кај децата во Македонија.

На работилницата беше дискутиран и новиот предлог-правилник на Министерството за образование и наука како и упатството за правилна примена на правилникот. Заклучоците од дискусиите во работни групи на присутните претставници на ресорните министерства, воспитно-образовните установи во земјата и експерти од областа беа вклучени во финалните верзии на истражувањето, а предлог правилникот и упатството беа дополнети со сугестии во насока на подобрена имплементација на истите.

„Лошата исхрана влијае не само врз физичкиот развој на децата туку го поткопува когнитивниот, емотивниот и социјалниот развој и способноста за учење. Исхраната не е грижа само на поединецот, туку и на целото општество. Промоцијата на добри навики во исхраната во училиштата може да доведе до значителен придонес кон целокупниот развој на детето и да го прекине меѓугенерацискиот циклус на лоши прехрамбени навики,“ рече Бенџамин Перкс, претставник на УНИЦЕФ.

На работилницата учествуваа повеќе од 60 претставници на централната власт, локалната самоуправа, академската заедница, директори на градинки и основни училишта, лица вклучени во воспитнo-образовниот процес, како и кадар кој директно работи на подготвување на менијата и храната за децата во предучилишните установи и основните училишта. Со работилницата се отвори дијалог меѓу сите засегнати страни кој треба да продолжи со донесување соодветни политики и нивна интерсекторска имплементација.

Корисни линкови: