ЦРИС Студиорум
CRPRC Studiorum

Студиорум учествуваше на конференција за научно-општествените истражувања во Македонија

На 14 април 2011 година, во хотелот Континентал во Скопје беше одржана конференција на тема „Состојбата на научно-општествените истражувања во Република Македонија”. Овој настан го привлече вниманието на повеќе тинк-танк организации од Македонија, претставници од државните и приватните универзитети, Министерството за образование и наука, како и независни истражувачи. Учесниците дебатираа на повеќе теми меѓу кои улогата на универзитетите во научно-општествените истражувања, финансирањето на научно-општествените истражувања, мешањето на политиката во истражувањата, соработката помеѓу организациите, универзитетите и институциите во Македонија, како и трендовите во научно-општествените истражувања.

Донесени се повеќе заклучоци, односно препораки за тоа што треба да се стори понатаму.Главните препораки и заклучоци се однесуваат на промовирање на меѓународни стандарди во истражувањата и публикувањето на резулатите, измена на регулативата што се однесува на истражувачката дејност, поттикнување на младите истражувачи и зголемување на мобилноста на истражувачите, подобрување на соработката меѓу заинтересираните страни, зголемување на фондовите наменети за истражувања, зголемување на транспарентноста во процесот на донесување одлуки и споделувањето на резултатите, како и овозможување на лесен и евтин пристап до постоечките бази на податоци.

Оваа конференција беше организирана од ФОРУМ-Центарот за стратегиски истражувања и документација и Аналитика, под покровителство на Швајцарската промотивна програма за регионални истражувања за Западен Балкан (RRPP).

Вакви конференции освен во Македонија, беа одржани и во Србија, Босна и Херцеговина и Албанија.

Во рамките на промотивната програма за регионални истражувања (RRPP/РРПП), ЦРИС Студиорум доби грант за истражување на тема „Здравствена еднаквост и еднаков пристап до здравствената заштита во Македонија: социо-економски, финансиски и аспекти на човекова безбедност”.

Резултатите од ова истражување наскоро ќе бидат објавени на веб-локацијата на ЦРИС Студиорум.