ЦРИС Студиорум
CRPRC Studiorum

„ЈутЛИНК“ започнува: Локална работилница во Скопје

Замислен како четиригодишен проект којшто се фокусира на дел од клучните предизвици за стабилноста и мирот на Балканот, „ЈутЛИНК: Поврзување на иноватори кои делуваат за промена“ поддржува група млади луѓе коишто посветено работат кон прекугранично градење доверба и носење позитивни општествени промени. Проектот ќе им овозможи на младите да креираат иновативни онлајн-платформи, да спроведуваат проекти со цел унапредување на отворениот дијалог, да споделуваат заеднички ставови и да се справуваат со пречките на патот кон меѓуетничкото помирување и толеранцијата, како на државно, така и на меѓународно ниво.

Со цел да ги остварат зацртаните проектни цели, „Интерњуз“ и шесте проектни партнери организираа еднодневни работилници во секоја од земјите на партнерските организации. Работилниците имаа за цел да ги запознаат учесниците со идејата за проектот и разните можности за користење на онлајн-алатките, како и да создадат простор за регионална офлајн-соработка којашто би требало да придонесе кон намалување на нетолеранцијата и дискриминацијата.

Триесет учесници од неколку македонски градови земаа учество на Локалната работилница којашто се одржа на 27 март 2012 година во ЕУ Инфо центарот во Скопје. Работилницата беше одлична можност за дискусија меѓу младите на теми поврзани токму со нетолеранцијата и дискриминацијата. Притоа, стана јасно дека технологијата и активизмот не ги интересираат помалку од човековите права и културат. Додека религијата, етничката припадност, политиката и родот беа издвоени како најподатливи за дискримираторските практики, младите беа подеднакво свесни и загрижени и за хомофобијата, правата на ЛГБТ-заедницата, социјалната инклузивност на сексуалните работници и работнички и лицата коишто користат дроги, мобинг на работното место, слободата на медиумите, домашното насилство, корупцијата, невработеноста и педофилијата.

По успешно организираните локални работилници, ќе следува уште еден настан каде што сите млади учесници од регионот ќе можат да ги преточат своите идеи во вистински проекти.

Проектот „ЈутЛИНК: Поврзување на иноватори кои делуваат за промена“ е отпочнат од страна на „Интерњуз Нетворк“ и се спроведува во соработка со Центарот за регионални истражувања и соработка „Студиорум“–Македонија, Младинската иницијатива за човекови права-Босна и Херцеговина (YIHR BIH), Младинската иницијатива за човекови права-Хрватска, Младинската иницијатива за човекови права–Косово, Младинската иницијатива за човекови права–Црна Гора и Младинската иницијатива за човекови права–Србија.