ЦРИС Студиорум
CRPRC Studiorum

Светскиот ден на хигиената на рацете одбележан и во Македонија

Со цел подигање на свеста кај населението и здравствените работници за ефективноста на хигиената на рацете, која долгорочно придонесува и кон намалување на употребата на антибиотици и на антимикробната резистенција, Македонија втора година по ред се приклучи кон одбележувањето на Светскиот ден хигиената на рацете (5 мај).

Организиран под покровителство на Мултисекторската комисија за антимикробна резистенција при Министерството за здравство и Канцеларијата на СЗО во земјата, а со поддршка од Регионалната канцеларија на СЗО за Европа во соработка со Медицинскиот факултет – Скопје, Институтот за јавно здравје на Република Македонија и ЦРИС „Студиорум“, настанот по повод одбележувањето на Светскиот ден на хигиената се одржа на 4 мај 2015 година во просториите на Деканатот на Медицинскиот факултет под мотото „Чистите раце спасуваат животи“.

Фотографии: ЦРИС Студиорум

Настанот го отворија проф. д-р Никола Јанкуловски, Декан на Медицинскиот факултет – Скопје, прим. п-р Јованка Костова, раководител на Секторот за превентивна здравствена заштита при Министерството за здравство и проф. д-р Аспазија Софијанова, директорка на Универзитетската клиника за детски болести и претседателка на Здружението на педијатри на Македонија. Свои излагања имаа проф. д-р Никола Пановски, претседател на Мултисекторската комисија за АМР, проф. д-р Каќа Поповска, претседателка на Здружението за интрахоспитални инфекции, д-р Саскија Нарганг, експерт за АМР од Регионалната канцеларија на СЗО за Европа и д-р Елизабет Робилоти од американскиот универзитетот „Стенфорд“.

Статистиката покажува дека стапката на интрахоспитални инфекции во Македонија, а особено на инфекции со МРСА е во пораст, најчесто во болничка средина. Дека редовното и правилно одржување на хигиената на рацете е една од најефективните мерки за спречување и контрола на инфекциите потврдија примерите од многу земји коишто бележат намалување на стапката на интрахоспитални инфекции за дури 24%.

На настанот беше најавено и отпочнувањето на четиринеделниот онлајн Курс за рационално пропишување антибиотици наменет за здравствени работници од сите нивоа на здравствената заштита, јавно-здравствени работници и менаџери на здравствени установи, којшто се реализира во соработка со Медицинскиот факултет од Скопје, Медицискиот факултет при Универзитетот „Стенфорд“ и ЦРИС „Студиорум“.

Настанот во медиумите