ЦРИС Студиорум
CRPRC Studiorum

Зголемување на разликите во одржливоста на граѓанското општество во регионот: УСАИД го објави 18тото издание на Индексот на одржливост на граѓанските организации за Централна и Источна Европа и Евроазија

Известување за медиумите

Вашингтон, САД – Секторите на граѓанските организации во дваесет и деветте земји кои се опфатени во Индексот на одржливост на граѓанските организации за Централна и Источна Европа и Евроазија продолжуваат да бидат многу различни. На едниот крај на спектарот е Естонија, која забележува највисок степен на одржливост од било која земја во регионите опфатени со Индексот на одржливост на граѓанските организации. Со население од само 1,3 милиони, повеќе од 30,000 граѓански организации во земјата продолжуваат да имаат корист од позитивното правно опкружување, инфраструктура и имиџ во јавноста, и се силни во застапувањето и во испораката на услуги. На другиот крај на спектарот се земјите каде што граѓанските организации работат во мошне рестриктивно правно опкружување, со ограничен пристап до финансирање, и практично нема простор за самостојно застапување. Оваа поделба се случува помеѓу земјите, во однос на многу различно правно и работно опкружување, како и во внатрешноста на земјите, каде различни граѓански организации се предмет на различни рестрикции и бенефити. Граѓанските организации, исто така се соочуваат со неколку бариери за подобрување на нивниот имиџ во јавноста и финансиската одржливост.

Индексот на одржливост на граѓанските организации за Централна и Источна Европа и Евроазија, произведен од страна на Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД), со парнери од секоја земја-учесничка, го оценува напредокот во развојот на непрофитни граѓански организации во 29 земји од регионот. Овогодишното издание се осврнува на развојот на граѓанското општество во 2014 година. Сега, во својата 18та година, Индексот на одржливост на граѓанските организации го испитува целокупното опкружување на граѓанското општество, со фокус на правното опкружување, организацискиот капацитет, финансиската одржливост, застапувањето, обезбедувањето услуги, инфраструктурата и имиџот во јавноста. Извештајот, го опишува и оценува развојот на граѓанското општество во секоја земја во регионот како целина.

Промените во одржливоста на граѓанскиот сектор во 2014 година ја рефлектираат севкупната неповолна политичка ситуација во глобални рамки. Значително влијание врз можностите на ГОи имаат политичките случувања, како домашни, така и на меѓународната сцена. Во многу земји, 2014-та беше година на протести, што секако влијае на опкружувањето во кое постојат и делуваат ГОи. Во исто време, самите граѓански организации играат значајна улога во протестите, преку влијание на клучните чинители и засегнати страни и застапување на интересите на граѓаните. На глобално ниво, Европската Унија продолжува да биде важен фактор во регионот, особено во земјите со кои се отворени преговори за членство, што им остава повеќе можности на ГОи за влијание врз применетите политики. Во Македонија, 2014-та година ја означија претседателските и предвремените парламентарни избори. Годината заврши во знак на масовните протести организирани од студентскиот пленум, а во врска со воведувањето на екстерно тестирање на студентите.

Без оглед на тоа дали се работи за борбата против корупцијата и организираниот криминал во Албанија, за изборите во Грузија, поддршката за правата на лицата со посебни потреби во Ерменија, или за зајакнување на граѓанското општество во Украина, ГОи во регионот на Европа и Евроазија активно се вклучуваат во одговор на предизвиците со кои се соочуваат нивните земји.

Центарот за регионални истражувања и соработка “Студиорум” со задоволство го прифати партнерството со УСАИД во изработката на индексот за Република Македонија.

Интегралната верзија на извештајот е достапна на (англиски јазик):
http://www.usaid.gov/europe-eurasia-civil-society

Повеќе информации за програмите на УСАИД: www.usaid.gov

Американскиот народ, преку Агенцијата на САД за меѓународен развој, обезбедува економска и хумантирана помош во целиот свет повеќе од 50 години.