ЦРИС Студиорум
CRPRC Studiorum

Светска недела за рационална употреба на антибиотици: „Антибиотици: употребувајте ги внимателно“

WAAWlogo Настојуваќи да ги поддржи напорите за внимателна употреба на антибиотиците на глобално ниво и така да придонесе кон остварувањето на една од клучните цели на глобалниот акциски план усвоен на 68. Светско здравствено собрание во мај 2015 година, од 16 до 22 ноември 2015 година за првпат ќе се одржи Светската недела за рационална употреба на антибиотици под слоганот „Антибиотици: употребувајте ги внимателно.“

Целта на еднонеделната кампања е да ја подигне свеста за растечкиот проблем со отпорноста кон антибиотиците и другите антимикробни лекови, како и да ја поттикне примената на најдобрите практики од страна на општата јавност, здравствените работници и креаторите на политики за да се избегне понатамошна појава и ширење на антимикробната резистенција.

СЗО/Европа ја препознава важноста на кампањата и го најавува објавувањето на првиот извештај на Мрежата на Централна Азија и Источна Европа за надзор на АМР (CAESAR) во врска со состојбата со антимикробната резистенција во пет земји од Европскиот регион на СЗО коишто не се членки на Европската унија (Белорусија, Србија, Швајцарија, Турција и Македонија).
Светската недела за рационална употреба на антибиотици го проширува опфатот на Европскиот ден за рационална употреба на антибиотици (ЕААД), 18 ноември, којшто годинава Македонија ќе го одбележи по осми пат.

Во рамки на одбележувањето на ЕААД во Македонија, ќе се дистрибуираат промотивни материјали, а на 16 ноември ќе се одржи Национален состанок на Мрежата на Централна Азија и Источна Европа за надзор на АМР во организација на Здружението на микробиолози на Македонија и „Студиорум“, а со техничка и финансиска поддршка од Регионалната канцеларија на СЗО за Европа и Канцеларијата на СЗО во земјата. Во периодот од 9 до 27 ноември ќе се организираат и едукативно-информативни предавања за важноста на хигиената на рацете и употребата на антибиотиците во пет основни училишта во Скопје, како и стручни предавања во пет болници низ земјата за рационалната употреба на антибиотиците, АМР и важноста од соодветната примена на клиничките упатства.