ЦРИС Студиорум
CRPRC Studiorum

Одбележување на Европскиот ден и Светската недела за рационална употреба на антибиотици по деветти пат

Одбележувањето на Европскиот ден за рационална употреба на антибиотици – 18 ноември и Светската недела за рационална употреба на антибиотици 14-20 ноември 2016 година, во Македонија беше проследена со низа настани и активности.

Во најава на Неделата за рационална употреба на антибиотици, беше организирано предавање на стручниот состанок “Денови на превентивна медицина”, организиран од страна на повеќе здруженија на здравствени работници од областа на превентивната медицина. Предавањето го одржа прим. д-р Голубинка Бошевска, Национален координатор за антимикробна резистенција од Институтот за јавно здравје, пред повеќе од 90 присутни здравствени работници од превентивната и примарната здравствена заштита.

Во рамките на редовните активности за подигнување на свеста за рационалната употреба на антибиотици, ЦРИС Студиорум во соработка со Институтот за јавно здравје, и со поддршка на Министерството за здравство и Светската здравствена организација, беше организирана серија предавања во 6 претпријатија во повеќе градови (Скопје, Тетово, Куманово, Делчево и Кавадарци) со цел да се доближи темата и да се пренесе пораката за рационална употреба на антибиотици на преку 120 вработени, кои се воедно и родители и кои треба правилно да е грижат за здравјето на своите деца. Предавањата ги одржаа стручни лица со цел подигнување на свеста и разбирање на растечкиот проблем кој се јавува од нерационалната употреба на антибиотици и други антимикробни препарати, со посебен акцент на опасноста од само-лекувањето и примената на антибиотици без консултација со лекар, особено за горнореспираторни инфекции. Предавањата беа искористени и како поттик за примена на најдобрите практики од страна на општата јавност за да се избегне понатамошна појава и ширење на антимикробната резистенција, со особено внимание на правилната хигиена на рацете и имунизација како на децата, така и на возрасните.

Во текот на сите организирани настани беше поделен промотивен материјал, посебно дизајниран за поединечните типови слушатели: постери, флаери, средства за дезинфекција, епрувети со чај, магнети и др.

Линкови: