ЦРИС Студиорум
CRPRC Studiorum

Успешно организиран онлајн курс за управување со антибиотици во Македонија

На 30 јуни 2015 година во Деканатот на Медицинскиот факултет во Скопје се одржа отворена средба во врска со онлајн курсот „Управување со антибиотици: оптимизација на практиките на пропишување антибиотици“ којшто Медицинскиот факултет и ЦРИС „Студиорум“ го организираа за првпат во Македонија во соработка со Универзитетот во Стенфорд (САД), Министерството за здравство, Регионалната канцеларија на СЗО за Европа и Канцеларијата на Светската здравствена организација во земјата.

Развиен од Универзитетот во Стенфорд и достапен на англиски јазик на е-платформата за учење Курсера, четиринеделниот курс беше спроведен со цел да се зајакнат човечките капацитети за намалување на нерационалната употреба на антибиотици и на антимикробната резистеција на национално ниво, кои во изминатиот период бележат нагорен тренд и дополнително го оптоваруваат функционирањето на здравствениот систем.

Средбата ја отвори проф. д-р Никола Јанкуловски, декан на Медицинскиот факултет, по што на присутните им се обрати заменик-министерот за здравство Јовица Андовски, кој укажа на важноста од меѓусекторска соработка во областа на употребата на антибиотиците. Д-р Данило Ло Фо Вонг, програмски менаџер за АМР во Регионалната канцеларија на СЗО за Европа, ги претстави напорите кои СЗО досега ги вложила во борбата против антимикробната резистенција на глобално ниво и посочи дека и покрај позитивните промени во земјата, потребна е понатамошна континуирана едукација која ќе ги опфати не само здравствените работници, туку и пошироката јавност.

Настанот заврши со свеченото доделување на сертификатите на учесниците во курсот. Вкупно 55 општи лекари и здравствени работници од јавни и приватни здравствени установи во Македонија успешно го завршија курсот во предвидениот период. На ваков начин, се даде институционален поттик и значителен придонес за подобрување на капацитетите на здравствените работници за ефективна превенција и контрола на инфекциите во болничка средина, како и за правилна употреба на антибиотици.


(Photo credits: Studiorum)

Настанот во медиумите